Редактори и главни истражувачи: Александра Лозаноска и Верица Јанеска

Издавач: Економски институт-Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Јазик: Македонски

Година: 2024

Оригинален наслов: Демографските промени во Република Северна Македонија со фокус на Пописот на населението од 2021 година – причини, последици и импликации

Број на страни: 304

Во книгата „Демографските промени во Република Северна Македонија со фокус на Пописот на населението од 2021 година – причини, последици и импликации“ е направена сеопфатна и продлабочена анализа на податоците од Пописот на населението во 2021 година, која дава сознанија за промените и постојните состојби во обемот и структурните карактеристики на населението, домаќинствата и семејствата (на национално и на регионално ниво), како и за причинско-последичната обусловеност на демографскиот и социо-економскиот развој на земјата. Резултатите од истражувањето покажуваат дека во периодот по 2002 година Република Северна Македонија за прв пат по речиси седум децении се соочи со значително намалување на вкупното резидентно население и депопулација од широки размери со која беа зафатени 66 од 80-те општини во земјата. Тоа услови промени во густината на населеност и просторната разместеност на населението.

Мошне големи промени се констатирани во демографската структура на населението, кои се манифестираат во поголема застапеност на жените во вкупното население и процес на интензивно стареење на населението. Рангирањето според стадиумите на демографска старост покажа дека според состојбата во 2021 година населението во земјата е во стадиум на длабока демографска старост, а во 64 општини тоа е во највисоки стадиуми на демографска старост (длабока демографска старост, најдлабока демографска старост и екстремно длабока демографска старост). Демографското стареење предизвика сигнификантни и неповолни промени врз старосно-половите функционални контингенти со долгорочни импликации врз идниот развој на населението. Тоа го потврди и анализата на податоците од Проекциите на населението на Државниот завод за статистика кои беа објавени на крајот на 2023 година. Неповолните демографски промени во Република Северна Македонија се под доминантно влијание на иселувањето во странство и тоа по основ на двете компоненти на вкупниот пораст на резидентното население. Негативното миграциско салдо на земјата во периодот 2002 – 2021 година, потоа достапните податоци за особеностите на мигрантскиот контингент, како и континуираниот пораст на бројот на деца родени во странство, несомнено потврдуваат дека емиграцијата имала големо и двојно влијание врз намалувањето на резидентното население во последните две децении.

Последиците и импликаците од постојната демографска состојба и очекуваните промени во наредните децении се многубројни и мошне комплексни. Тие ќе се манифестираат врз идниот развој на населението, расположливите човечки ресурси како фактор на развојот, потоа стареењето на населението, како и во повеќе области на социо- економскиот развој.