Претприемничка лабораторија

Во издание на Економски институт – Скопје од печат излезе книгата со наслов „Претприемничка лабораторија“. Книгата произлегува од проектот „Формирање на претприемничка лабораторија на Економски институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје“, финансиран од средства за интегративните функции на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со Проф. д-р Татјана Петковска Мирчевска и Доц. д-р Зоран Јаневски, како главни истражувачи.

Книгата претставува резултат на научно-истражувачки напор на главните истражувачи во насока на изработка на концепт и методологија за формирање на претприемничка лабораторија во рамките на Економски институт – Скопје. Таа тргнува од анализа на постојната состојба во државата во повеќе сегменти кои се поврзани со претпреимништвото, и ја елаборира потребата за формирање на Претприемничка лабораторија чиј фокус на делување ќе биде изведување на тестови, експерименти и истражувања од областа на претприемништво, развој на претприемнички вештини, управување со старт-ап бизниси и развој на претприемнички компании. Во неа, старт-ап бизнисите ќе имаат можност да ги верификуваат своите идеи врз основа на научни методологии, методи, инструменти и алатки.

При изработката на книгата главните истражувачи применуваат современ методолошки приод, прилагоден на природата и актуелноста на истражуваната проблематика. Она што ја прави оваа книга особено значајна е нејзината научна и апликативна димензија. Во неа се понудени конкретни решенија за унапредување на претприемништвото во државата со примена на научна методологија, со што апликативните решенија добиваат научна поткрепа, и се зголемуваат нивните можности за постигнување успех на пазарот.