Заклучни согледувања од Работилницата “Финансирање на меѓународните организации“

ноември 29, 2018 нема коментари metodi Категории Новости

На 28.11.2018 година во просториите на Економскиот институт – Скопје при Универзитетот „Св.
Кирил и Методиј“ се одржа работилница на тема: „Финансирање на меѓународните организации:
Искуства, можности и предизвици“.

Работилницата беше организирана во соработка на Економскиот Институт – Скопје и
Министерството за внатрешни работи. На работилницата говореа проф. д-р Зоран Јаневски,
директор на институтот, м-р Магдалена Несторовска, државен секретар во Министерството за
внатрешни работи, Тања Левајковиќ, помошник на министерот во Министерство за внатрешни
работи и Драганчо Апостоловски, координатор за регионални иницијативи во Министерството за
надворешни работи. Активно учество во работилницата земаа и Мелита Груевска Грахам,
претставник на ICMPD (International Centre for Policy Development Migration), Катерина
Кулишевска, претставник на MARRI (Migration, Asylum, Refugees Regional Initiative), Келменд
Зајази, претставник на NALAS (Network of Associations of Local Authorities of South-East Europe) и
други учесници. Модератор на работилницата беше проф. д-р Силвана Мојсовска.
На работилницата се дискутираше за состојбите, искуствата и перспективите на финансирање на
регионалните и меѓународните организации; главните предизвици во нивното финансирање и
можностите за зголемување на изворите на финансирање преку институционална соработка и
меѓународни проекти.

Во дискусијата беа опфатени гледиштата на националните институции кои ги финансираат
регионалните и меѓународните организации, преку примерите на Министерството за внатрешни
работи и Министерството за надворешни работи на Република Македонија, како и гледиштата на
неколку регионални/меѓународни институции. Главните наоди покажаа дека институциите
гледаат значајни придобивки од членството во регионалните и меѓународните организации, но
дека е потребна поголема проактивност на националните институции во однос на подобро
позиционирање на Република Македонија и нејзините интереси на регионален/меѓународен
план. Во тој контекст, потребно е подигнување на капацитетот во националните институции за
подобро нивно претставување во регионалните и меѓународните организации, преку подобра
координација и усогласена агенда на национално ниво за главните приоритети и интереси на
земјата, во насока на оптимализирање на користа од членството во овие организации.
Искуствата на регионалните и меѓународните организации покажаа постоење на систем на
финансирање составен од два елементи: основен буџет составен од членарини од земјите
основачи и програмски буџет каде средствата потекнуваат од различни извори (ЕУ и други
донатори), добиени врз проектна основа. Основниот буџет, согласно наодите на сите присутни
организации најчесто е доволен само за покривање на елементарните потреби за постоење на
организацијата и остварување на нивните главни цели и мандат, додека развојот на
организациите е условен од програмскиот буџет. Клучните прашања во однос на програмскиот
буџет се зависноста од концепциската поставеност на донаторите, односно приоритетите кои тие
ги финансираат во даден временски период. Во тој контекст, заради обезбедување на одржливост
на работата на организацијата, програмскиот буџет на регионалната или меѓународната
организација се дефинира согласно расположивите извори, односно програмите и приоритетите
од донаторите. Иако ваквиот пристап е добар во однос на одржливоста на организацијата,
истовремено наметнува закана во однос на зачувување на нејзината стратешка поставеност, со
мандат и цели дадени од земјите членки.

Во насока на барање решенија за постабилна финансиска основа на регионалните и
меѓународните организации, како предмет на дискусија се наметна меѓусебниот однос на овие
организации, посебно на тие што работат во слична област. Дали постои конкуренција или
соработка помеѓу нив во напорите за обезбедување на поголеми програмски буџети? Тековната
ситуација упатува на доминација на гледиштето на конкуренција, главно заради недоволната
координација помеѓу овие организации за идентификување на потесните полиња на соработка.
Во таа насока, слаба е и соработката со академските институции и невладиниот сектор, што
резултира во состојба на неоптимална искористеност на постојните ресурси во Република
Македонија.

Врз основа на дискусиите беа сублимирани следните заклучоци од работилницата:
– Зголемување на координацијата помеѓу националните институции во однос на барањата и
очекувањата од регионалните и меѓународните организации каде учествува и плаќа
членарина Република Македонија;
– Подигнување на капацитетите во националните институции на Република Македонија за
нејзино проактивно учество во дефинирање на агендите на регионалните и меѓународните
организации со цел подигнување на користа за земјата;
– Разгледување на можностите за подигнување на финансирањето на регионалните и
меѓународните организации преку подобро позиционирање на барањата на Република
Македонија кон донаторите во однос на нејзините приоритети. На тој начин би се
постигнала поголема кохезија помеѓу програмските концепти на донаторите (ЕУ и други)
со мандатите на регионалните и меѓународните организации каде членува Република
Македонија;
– Идентификување на заедничките интереси и областа за соработка помеѓу регионалните и
меѓународните организации чиј опсег на работа опфаќа слични прашања преку
консултации и други механизми на соработка;
– Поттикнување на соработката помеѓу регионалните и меѓународните организации и
академските институции и невладиниот сектор, преку градење и негување на редовна
комуникација и размена на идеи, искуства и знаења, во насока на развивање на заедничка
проектна соработка.
Дискусијата на оваа проблематика како и заклучоците кои произлегуваат од оваа работилница
укажуваат на потреба од понатамошно актуелизирање на главните предизвици поврзани со
финансирањето на меѓународните/регионалните организации. Токму од тие причини, Економски
институт – Скопје ќе го продолжи проактивниот пристап кон оваа тема и ќе предложи платформа
за зголемување и продлабочување на соработката помеѓу главните актери во оваа област.