Home » За Институтот

За Институтот

Економскиот институт – Скопје, како единица во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, оваа година одбележува 70 години од своето постоење. Основан во далечната 1952 година како самостојна научноистражувачка институција при Стопанскиот совет на Владата на Народна Република Македонија, па сè до денес, постојано ја развива научната дејност во областа на економските науки, организациските науки и управување и демографијата.

Мисијата на Економскиот институт – Скопје е да биде водечка институција во земјата во доменот на високото образование и во истражувањата, да ги идентификува проблемите и потребите на општеството, поврзани со економските активности во услови на ограничени ресурси и да изнаоѓа научни и методолошки знаења и решенија во доменот на мироекономијата и макроекономијата.

Во текот на овие 70 години, Институтот беше и е активен учесник во речиси сите значајни економски предизвици со кои се соочија земјата и светот. Својата водечка улога во развојот на научната и на стручната мисла во економскиот сегмент ја гради низ придонесот во изготвувањето стратегии, политики и планови за развој на повеќе сектори во економијата. Изработени се повеќе стотини домашни и меѓународни истражувачки проекти, што укажува дека Институтот низ долгата историја има создадено цврста основа врз која треба и натаму да го гради и валоризира својот научноистражувачки потенцијал.

Генерациите, вработени во Институтот со научни, наставно-научни и соработнички звања, во овие 70 години дадоа свој посебен придонес во неговиот развој, развојот на Универзитетот, но и во развојот на самата научна мисла. Со тоа, тие ги задолжија сегашните и идните генерации на вработени да продолжат по нивните патеки и дела, независно со какви сè предизвици притоа се соочуваат.

Денес, кога свесноста во државата за значењето на научноистражувачката дејност во функција на поттикнување на економскиот раст е незадоволителна и кога издвојувањето средства од страна на јавниот и на приватниот сектор за научноистражувачки проекти и активности е минорно, Економскиот институт – Скопје уште повеќе покажува силна посветеност кон развој и унапредување на научната дејност. Во таа насока, се настојува да се земе учество во научноистражувачки проекти, објавени од страна на домашни и на меѓународни организации преку тимска работа и во соработка со мрежи на домашни и на меѓународни организации од различни сектори (академски, граѓански, јавен, приватен). Притоа, хипотезите, поставени во истражувањата се храбри и произлегуваат од постојните научни сознанија и практиката, а зададените цели се секогаш амбициозни, но реални.

Институтот, во рамките на своите активности, организира и спроведува едногодишни и двегодишни последипломски студии на студиските програми: Меѓународна економија, Финансиски менаџмент, Претприемништво, Агробизнис, Меѓународен менаџмент, Логистика на бизнисот, Менаџерска економија и Бизнис менаџмент. Економскиот институт – Скопје учествува и во организирање и реализација на Школата за докторски студии на заеднички студиски програми на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од областите: Економски науки, Организациски науки и управување (менаџмент), Статистички методи за бизнис и економија и Демографија.

Целта на Институтот е да едуцира магистри и доктори на науки од соодветните области, кои ќе бидат лидери во економскиот, научниот и општествениот живот во земјата и пошироко. Наставата и наставните содржини по предметите што се опфатени со студиските програми се фокусираат на потребите за градење на компетенции, вештини и знаења кои се во интерес на студентите, бизнис заедницата и на јавниот сектор.

Покрај научноистражувачката работа и наставно-образовната дејност, Економскиот институт – Скопје ги применува научните сознанија кои произлегуваат од истражувачката работа и ги користи експертизите на наставно-научниот кадар во насока на развивање на апликативната дејност. На тој начин, Институтот решава конкретни прашања и проблеми на јавниот и на приватниот сектор, со што придонесува за побрз развој на земјата. Во 70- годишното постоење, Економскиот институт – Скопје има објавено повеќе од 180 публикации. Во последните 23 години, Институтот издава научно списание Economic Development, кое е со меѓународен уредувачки одбор, индексирано во базите на списанија EBSCO и CEEOL.